Blog

Завршна конференција во рамките на Регионалниот проект Your Job 24 Окт

Завршна конференција во рамките на Регионалниот проект Your Job

На 23 октомври 2025 година, во Приштина – Косово, се одржа Завршна конференција во рамките на регионалниот проект Your Job II, на која што учество зедоа претставници од националните Каритас организации од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Црна Гора, како и претставници на Каритас Австрија. Македонски Каритас беше претставуван од страна на координаторот Спасе Спасов и кариерните советници Верица Ангеловска и Александар Младеновски.

За време на Завршната конференција беа претставени спроведените активности во земјите каде што се имплементираше проектот Your Job II, како и постигнатите резултати. Од страна на Македонски Каритас, координаторот Спасе Спасов се обрати на панел дискусија, при што подвлече дека, проектот YourJob во Македонија значително придонесе за зголемување на можностите за вработување на младите луѓе преку развој на практични, меки и претприемнички вештини. Голем број на млади луѓе стекнаа нови и ги подобрија веќе постоечките компетенции, како и самодовербата која е многу важна за полесен пристап до пазарот на труд. Во Македонија проектот покажа, дека кога младите чувствуваат дека некој верува во нив, дека има кој да ги слушне и насочи, тие стануваат многу помотивирани и посигурни во своите способности. Токму тоа е најголемата вредност на YourJob – што успеа кај добар дел од младите да ја задржи вербата дека и во сопствената држава може да се напредува и да се успее.

Кариерниот советник Александар Младеновски, обраќајќи се на панел дискусија, напомена дека индивидуалниот пристап во кариерното советување се покажа како ефективен. Таквиот пристап ги охрабрува младите луѓе да размислуваат за себе, да ги откриваат своите амбиции и појасно да размислуваат за својата иднина. Различните алатки, како што се проценките на интереси и анализата на вештините, можат да им помогнат на младите луѓе подобро да ги разберат своите силни страни и да откријат кои кариерни патеки најмногу им одговараат.

#YourJob #CaritasMacedonia #YouthEmployment #RegionalConference #Prishtina2025 #EmpoweringYouth #YourJobSuccess

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.