Македонски Каритас е хуманитарна организација на Католичката црква во Македонија. Основан e во 1991 година со цел да им помогне на оние на кои помошта им е најпотребна – без оглед на нивните национални, верски и политички определби.
Македонски Каритас обезбедува хуманитарна помош од витално значење на најранливите социјални категории граѓани, и тоа на сиромашни, на стари, изнемоштени и осамени лица, на Роми, како и на бегалците/мигрантите.
Помошта што Македонскиот Каритас ја обезбедуваше за погодените од конфликти се состоеше во храна, облека и медицинска помош. Таа беше од особено значење за бегалците од Косово по војната во 1999 година, како и за погодените од конфликтот од 2001 година. Организацијата им излезе во пресрет и на бегалците од конфликтот во Сирија во последната мигрантска криза. Лоцирани на двете важни точки на балканската рута во Македонија – во прифатните центри на влезот и на излезот од Македонија – тимовите на Каритас делеа храна, топли оброци, хигиенски пакети и облека на бегалците и мигрантите што поминуваа низ земјата од летото во 2015 година.
Оваа помош беше остварена со поддршка од членовите на мрежите на европските и на Каритасите од другите земји од светот, а во соработка со различни локални владини и невладини партнери, како што се Центарот за управување со кризи и Црвениот Крст.
Националната канцеларија на Македонски Каритас се наоѓа во Скопје, со Парохиски Каритаси во повеќе делови на земјава.
Претседател на организацијата е Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов. Со организацијата управува петчлен управен одбор, а менаџерската обврска му е доверена на директорот на Македонски Каритас. Македонски Каритас е полноправен член на Каритас Европа и Каритас Интернационалис и соработува со многу членови од мрежата на Каритас.