Македонски Каритас го претстави проектот за чиста вода и климатска отпорност во Општина Босилово
Претставници на Македонски Каритас, на 12 март 2026 година, во просториите на Општина Босилово, на средба со вработените во општината, Павлина Кицевска, Јасна Василева и Дејана Пеневски, го претставија проектот „Вклучување на жените во подобрување на услугите за достапност до чиста вода и санитација и зајакнување на отпорноста на климатските промени во Македонија“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Словенија и Словенски Каритас.
За време на средбата беа претставени главните активности предвидени со проектот, како и можностите што тој ги отвора за локалните заедници.
Притоа, акцент беше ставен на унапредувањето на соработката меѓу општините и на зајакнувањето на подготвеноста за справување со сè почестите климатски предизвици.
Особено беше нагласена важноста од активното учество на жените и од поддршката на локални зелени иницијативи, со цел зголемување на отпорноста на заедницата.
Учесниците на состанокот ја потврдија својата подготвеност за продолжување на соработката и за заедничко дејствување во рамки на проектот.
