Проектот за климатска отпорност Македонски Каритас го претстави во Општина Ново Село
На 12 март 2026 година, во просториите на Општина Ново Село, претставници на Македонски Каритас, на средба со градоначалникот Ѓорге Божинов и Дејан Боев, го презентираа проектот „Вклучување на жените во подобрување на услугите за достапност до чиста вода и санитација и зајакнување на отпорноста на климатските промени во Македонија“, поддржан од Министерството за надворешни работи на Словенија и Словенски Каритас.
На состанокот беа претставени планираните активности во рамки на проектот и придобивките што тие можат да ги донесат за локалното население.
Во фокусот на разговорите беа меѓуопштинската соработка, справувањето со климатските ризици и поддршката на зелени иницијативи на локално ниво. Притоа, особено беше нагласена улогата на жените во процесот на градење поотпорни заедници.
Учесниците на состанокот ја потврдија својата подготвеност за продолжување на соработката и за заедничко дејствување во рамки на проектот.
