На 20 јуни 2023 година во Скопје, Македонски Каритас во соработка со партнерските организации АДРР – Сонце и ЗГ Љубезност ја организираа завршната конференција за пректот “Грижи се”. Временската рамка на пректот беше во периодот јули 2021 до јуни 2023 при што беа опфатени социјално исклучени и ранливи категории лица изложени на екстремна сиромаштија во услови на пандемија од Ковид 19 и пост-Ковид периодот.
Во своето поздравно обраќање, директорот на Македонски Каритас о. Зоран И. Стојанов изрази благодарност до Каритас Австрија и до Сојузното Министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Република Австрија за подршката на овој проект. „Би било нереално да не се каже дека ние имаме потреба од помош и во продолжение и во иднина во учењето на стандарди кои се применуваат во делови на Европа. Македонски Каритас се залага во едно светло ко значи – доживотно учење. Зошто? Затоа што никогаш не престануваме да учиме. Никогаш не можеме да кажеме: повеќе не можам да напредувам во учењето. Во секоја фаза од животот, мора да собереме ново знаење“, рече директорот на Македонски Каритас.
На настанот беа присутни: австрискиот амбасадор Н.Е. Георг Вуцас, којшто имаше и свое обраќање; претставници на различни државни институции, НВО организации, агенции и медиуми. Како панелисти свое учество зедоа и г-дин Харалд Фугер, аташе, претставник на Сојузното Министерство на Република Австрија за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачи, г-ѓа Емилија Размоска, Раководителка на Служба за правно нормативни работи и професионален развој од јавни установи ЈУ ЗСД – Скопје, г-ѓа Марија Исаевска Ристовска, ВД. Директор на ЈУМЦСР – Тетово и г-ѓа Елена Алуловска, наставник, координатор на училишен парламент во ООУ Браќа Рамиз – Хамид, Шуто Оризари, како и членови на тимовите од партнерските организации. Онлајн обраќање имаше и г-дин Тобиас Ноелке, регионален координатор на Каритас Австрија.
Преку проектот „Грижи се“ се реализираа активности базирани врз интегриран пристап на социјални и здравствени услуги кои опфаќаат: директна помош и поддршка на ранливото население, олеснет пристап до социјалните и здравствените права, образовна компонента, асистирано домување, правна помош, вокациски работилници, како и хуманитарна помош во храна, хигиена и медицински суплементи.
Во проектот “Грижи се” беа вклучени 1.200 директни корисници и 3.600 индиректни корисници, исто така 60% од корисниците беа жени и 40% мажи.