На 23.11.2022 година, Н.Е. монс. Лучано Суријани, Апостолски нунциј во Македонија, во придружба на монс. Киро Стојанов, скопски бискуп и струмичко – скопски епарх, го посети Македонски Каритас, при што оствари средба со директорот о. д-р Зоран Стојанов, како и со персоналот.
Директорот Стојанов посакувајќи му добредојде на надбискупот Суријани, го претстави персоналот, како и тековните проектни активности кои што Македонски Каритас ги реализира.
Апостолскиот нунциј Суријани се заблагодари за поздравните зборови и охрабрувајќи го персоналот на Каритас потсети на зборовите на папата Фрањо, дека е со сите оние кои помагаат на оние кои се во потреба, како и тоа дека кога папата зборува за сиромашните, нагласува дека тие немаат само потреба од материјална помош, туку имаат потреба да се погледнат во очи и да се сретне човек со нив.
На крајот Апостолскиот нунциј монс. Суријани порача на персоналот дека треба да продолжат да бидат видлив знак на Христовата љубов за сите луѓе, по што подели Апостолски благослов.