На 5 декември 2024 година во с. Сарај (општина Босилово) беше одбележан денот на Македонски Каритас.
На главната прослава претходеше редовен годишен состанок на управниот одбор на Македонски Каритас предводен од претседателот на Македонски Каритас Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, а на истиот присуствуваа и останатите членови на управниот одбор: отец Зоран Стојанов, директор на Македонски Каритас, отец Спасо Ристов, парох во Струмица, отец Тони Ангелов, парох во Штип и сестра Бернардина Сирачева, провинцијална настојателка на Сестрите Евхаристинки.
Централен настан на прославата беше Светата Архиерејска Литургија, служена во парохиската црква„Свети великомаченик Димитриј и Падре Пио“ , која ја предводеше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, скопски бискуп и струмичко скопски епарх, а воедно и Претседател на Македонски Каритас, во сослужение на отец Зоран И. Стојанов, директор на Македонски Каритас, како и на свештеници од Струмичко скопската епархија и Скопската бискупија. На Светата Литургија присуствуваа чесни сестри, волонтери и персоналот на Македонски Каритас.
Во пригодната проповед епископот Стојанов го истакна централното место кое го завзема љубовта како темел при каритативното делување на поединецот во заедницата. Упатувајќи честитки за Денот на Каритас, епископот Стојанов упати Божји благослов на секоја дејност спроведена со љубов и себедарување од страна на вработените и волонтерите на Македонски Каритас.
Веднаш по Светата литургија, прославата продолжи со свечена академија во просториите на Едукативниот центар – Сарај. На академијата свое поздравно обраќање имаше отец Зоран И. Стојанов, директор на Македонски Каритас. Тој во своето обраќање, по краткото претставување на присутните, ја истакна огромната благодарност во прв момент до Претседателот на Македонски Каритас, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов за неговата подршка, како и до сите присутни свештеници, претставници на парохиските каритаси, чесните сестрите, вработените и волонтерите на Македонски Каритас за нивното каритативно делување во изминатата година.
Потоа следеше презентација подготвена од страна на г-дин Александар Митановски во соработка со тимовите на Македонски Каритас по одделни проекти. Во самата презентација беа претставени активностите кои се дел од единаесетте проекти кои во овој момент ги спроведува Македонски Каритас.
Одбележувањето на Денот на Каритас заврши со заеднички коктел во просториите на Едукативниот центар – Сарај.