Blog

Македонски Каритас дел од регионалната програма за вработување на млади 05 Мар

Македонски Каритас дел од регионалната програма за вработување на млади

Од 26 до 28 февруари 2024 година, тимот на Македонски Каритас вклучен во проектот YourJob II, учествуваше на Регионалната конференција насловена „Вработување на младите – предизвици и можности“, која се одржа во Подгорица – Црна Гора.

Конференцијата ја отвори надбискупот на Бар и претседател на Каритас Црна Гора монс. Рок Ѓонлешај. Поздравни зборови упати г-дин Марко Ѓеловиќ, директор на Каритас Црна Гора, кој истакна дека невработеноста кај младите е глобален проблем, а со тоа и во Црна Гора. Координаторот на Македонски Каритас г-дин Спасе Спасов ги презентираше планираните активности на проектот YourJob II во Македонија.

По воведните поздрави и зборови за поддршка за програмата YourJob II и презентацијата на програмата, беа организирани две панел дискусии, на кои беа споделени искуства и примери на добри пракси.

Програмата „YourJob II“ е регионален проект за создавање можности за вработување на младите на Балканот и се реализира од 2019 година. Конкретните активности ја зголемуваат конкурентноста на младите на пазарот на труд и влијаат на намалување на невработеноста кај младите. Програмата се спроведува во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија, а од оваа година се спроведува и во Македонија и Црна Гора.

Во Македонија проектот го спроведува Македонски Каритас во општините Струмица, Босилово, Василево, Ново Село, Гевгелија и Богданци. Проектот е поддржан од Реновабис и од Каритас Австрија.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.