На 05 декември 2022 година беше одбележан Денот на Македонски Каритас со Света Литургија, во капелата на Македонски Каритас, која ја предводеше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, скопски бискуп и епарх струмичко – скопски, а воедно и Претседател на Македонски Каритас, во сослужение на о. д-р Зоран И. Стојанов, директор на Македонски Каритас, о. Илија Стојанов, парох во Радово и о. м-р Ванчо Назов, парох во Сарај, во присуство на персоналот и соработници.
Во својата хомилија бискупот Стојанов подвлече дека постојат три видови на дарови за кои треба да му бидеме благодарни на Бога. „Првиот е дарот на самоприфаќање. Честопати не знаеме да се сакаме себеси; не знаеме да го прифатиме тој дар затоа што не го цениме Божјиот дар во нас и не му благодариме на Бога за дарот на животот. Вториот е дарот на верата. Да се биде верник го прави човекот посилен, постабилен, посмел, посмирен, посигурен. Третиот дар е соработката со Бога. Повикани сме да соработуваме со Бога“.
„Денес на денот на нашиот Каритас моите честитки ги упатувам до Вас почитуван директоре, до вашите соработници, до сите членови, волонтери и донатори на Каритас, истовремено изразувајќи ви искрена благодарност за вашата неизмерна љубов кон Бога и ближниот, за делотворната дејност и пожртвуваност, а преку оваа св. Литургија го молам Семоќниот Господ Бог да ве обдари со сета расположивост и почит кон најпотребните и најранливите категории луѓе, а сето тоа да биде поткрепено со мајчинската љубов на нашата Небесна Мајка Марија“, рече бискупот Стојанов.
На крајот од светата Литургија, директорот на Македонски Каритас, отец Зоран, изрази искрена благодарност до бискупот за неговата подршка и за молитвите, воедно повикувајќи го и понатаму преку своите молитви да ја подржува работата и мисијата на Каритас.