На 28 мај 2025 година во Скопје се одржа еднодневен квалификуван семинар за наставници по германски јазик, во организација на Македонски Каритас и Диаконија Баден – Германија, во рамки на проектот “Подготвени и успешни за Германија” – миграциски советување пред преселба.
На почетокот од настанот, о. Зоран И. Стојанов, директор на Македонски Каритас, ги поздрави и им посака добредојде на претставниците од Диаконија Баден – Германија, на учесниците, како од Македонија така и од Босна и Херцеговина, Косово и Србија. Во своето обраќање, директорот Стојанов се осврна на свети апостол Павле, кој видливо пишува дека како апостол не мисли само на актуелната милост туку и на дарот на каризмата на Духот, на месијанскиот дар кој што е понирање во Божјото таинство. Таинството на Црквата не е плод на човековото истражување туку дар на Светиот Дух и верата. Во тој правец тој им вели дека моли „и да ги просвети очите на срцата ваши, за да увидите, во што се состои надежта на повиканите од Него, колкаво е богатството на славата од наследството Негово во светиите, и колку е неизмерна величината на Неговата сила во нас, кои веруваме преку дејството на Неговата крепка сила“ (Еф.1,15-19).
Понатаму отец Зоран подвлече дека „Каритас е организација која сака да биде блиску до најсиромашните, а да ги помага и оние кои се амбициозни да застанат на сопствени сили и да станат движечка сила во се поправедно општество врз принципите на долгата традиција“.