На ден 14.03.2024 година, во рамките на проектот “Грижи се II/Take Care II“ се одржа состанок со клучни чинители преку платформата Зум, во организација на трите партнерски организации кои го спроведуваат: Хуманитарно добротворна фондација МАКЕДОНСКИ КАРИТАС – Скопје, Асоцијација за Демократски развој на Ромите СОНЦЕ – Тетово и Здружение на граѓани за помош на бездомници, социјално загрозени семејства и поединци ЉУБЕЗНОСТ – Скопје.
Средбата ја отворија директорите на трите партнески организации: о. Зоран И. Стојанов, Ферди Исмаили и Тони Станковски.
Свои поздравни зборови и поддршка изразија и г-дин. Харалд Фугер, Аташе на Сојузното министерство за социјални работи, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Република Австрија во Република Македонија, донатор на проектот и г-дин Тобиас Ноелке, проектен менаџер на Каритас Австрија, задолжен за проектот.
Цел на средбата беше претставување на новиот проект Грижи се II, неговите цели, проектни задачи и предвидени резултати.
Говореа и претставници на мобилните тимови на трите организации, претставувајќи ги секојдневните предизвици со кои се соочуваат во своето залагање да им помогнат на најранливите категории на граѓани кои се соочуваат со социјални, здравствени и економски предизвици. Главен акцент е ставен на ромската популација, бездомниците и лицата во опасност да станат бездомини, невработенитe, жените и лицата во социјален ризик.
На состанокот присуствуваа претставници на државни институции од клучните области на делување, претставници на граѓанскиот сектор и претставници на локалните самоуправи од целните општини.