Blog

Tрибина на тема: „Посланието на Македонски Каритас – грижата на Црквата за нејзините луѓе“ 12 Дек

Tрибина на тема: „Посланието на Македонски Каритас – грижата на Црквата за нејзините луѓе“

Во недела 10 декември 2023 година во парохиската сала на црквата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица, со благослов на епископот Стојанов  се одржа трибина на тема: „Посланието на Македонски Каритас – грижата на Црквата за нејзините луѓе“, а во организација на Македонски Каритас и парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица. На трибината присуствуваше Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов, претседател, директорот на Македонски Каритас, протојереј отец д-р Зоран И. Стојанов, свештеници, чесни сестри Евхаристинки и верници од повеќе парохии.

На трибината зборуваше г-дин Спасе Спасов координатор на Македонски Каритас, кој се осврна на организациската структрура, природата и посланието на Каритас, како и важноста во животот на Црквата, сочинувајќи го еден од трите столба, покрај Литургијата и навестувањето, тој истакна дека Каритас – љубовта кон ближниот – е третиот столб на Црквата.

Во продолжение Спасе Спасов ги истакна и проектите на кои во моментот работи Македонски Каритас, на посебен начин ставајќи акцент на едукативните центри во Сарај – Општина Босилово, Едукативниот Центар во Шуто Оризари, Центарот Мајка Тереза – Гевгелија, како и други проекти поврзани со мигрантите, волонтерите, младите, лица во потреби.

За време на дискусијата која се разви по предавањето, стана збор за Парохиските Каритаси, а отец Зоран И. Стојанов, директор на Македонски Каритас, заокружувајќи го предавањето ја истакна разликата помеѓу волонтерството и доброволството.

На крајот од трибината епископот Стојанов се заблагодари за организацијата на овие трибини, и повторно ја истакна важност од ваквите средби, повикувајќи ги свештениците и верниците и во иднина да организираат и да учествуваат во вакви или слични трибини организирани и во други места на теми важни за црковниот живот, а во претходен договор со Деканатот „Свети Кирил и Методиј“ и со благослов од Ординаријатот.

Трибината заврши си благослов од епископот Стојанов и дружење во парохиската сала.

Модератор на трибината беше м-р Данче Ичева, а за музичкиот дел се погрижија Филип и Лука Костови.

к.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.