Едукативен Центар Сарај

 

 

Село Сарај е сместено во југоисточна Македонија во општина Босилово. Има околу 50 семејства во селото кои се соочуваат со сиромаштија. Повеќето од нив се големи семејства. Локалното училиште обезбедува основно образование до 5то одделение.

Целта на овој проект е сиромашните и маргинализираните деца од селото Сарај успешно да го завршат основното образование. Стратешките цели на проектот се сиромашните и маргинализираните деца од Сарај да ги подобрат нивните перформанси во училиштето и нивните социјални вештини; како и родителите на децата од селото да го поддржат образованието на нивните деца.

 

 

Проектот има три целни групи: децата од село Сарај, родителите и наставниците. Едукативниот Центар го посетуваат 40 деца кои учат во с. Сарај и во соседното село Просениково. Втората целна група се родителите на децата кои се вклучени во проектот и за нив има предвидени работилници кои се остваруваат во текот на годината. Третата целна група се наставниците со кои заедно го следиме напредокот на децата и имаме успешна соработка во реализирање на образовните цели.

Сите деца најмалку двапати во неделата го посетуваат Центарот, а повеќето од нив доаѓаат и секој ден. Работењето на децата се одвива по однапред подготвена програма. Во програмата за децата е вклучено: секојдневно пишување на домашните задачи, развивање на креативноста на децата, учење основни хигиенски навики и начин на исхрана, работилници, игри, еколошки акции, кулинарски вештини, спортски активности и сл.

 

 

Со родителите досега се одржани 8 работилници на теми: Позитивно родителство; Планирање на семеен буџет; Комуникација во семејството и Улогата на медиумите во семејното воспитување.

Од досегашното работење на Центарот постигнати се одредени резултати. Повеќето од децата го подобрија присуството во училиштето, родителите ја сфатија важноста на работата на Центарот и почнаа да ги праќаат редовно, почнуваат да ги применуваат хигиенските навики стекнати во Центарот, постепено почнува да се намалува агресивноста кај децата и меѓусебната дискриминација, подобрување на начинот на исхрана преку давање по еден оброк секојдневно за секое дете. Освен децата и родителите покажуваат резултати од спроведените работилници: се подобрува комуникацијата со нивните деца,  менаџирањето со сопствениот буџет итн.

 

 

Проектот на Македонски Каритас во село Сарај е започнат од октомври 2020 година и работи секој ден од понеделник до петок. Во овој период на работа Едукативниот Центар е препознаен и има позитивно влијание врз целата заедница, вклучувајќи го населението во селото и надлежните во училиштето и општината.