Информации за проектот
- Партнери
- Каритас Словенија и Македонски Каритас
- Финансиска поддршка
- Министерство за надворешни и европски работи на Република Словенија
- Времетраење
- 1 јануари 2026 – 30 септември 2028
Проект на Каритас Словенија и Македонски Каритас
Со финансиска поддршка од Министерството за надворешни и европски работи на Република Словенија
Од 1 јануари 2026 до 30 септември 2028 година, Каритас Словенија и Македонски Каритас го реализираат проектот „Вклучување на жените во зајакнувањето на водните и санитарните услуги и климатската отпорност во Македонија “. Македонски Каритас е главен партнер за спроведување на активностите на терен, во соработка со општините Босилово, Богданци, Струмица, Гевгелија, Ново Село, Дојран и Валандово.
За проектот
Проектот одговара на сериозните еколошки и здравствени ризици предизвикани од несоодветната инфраструктура за отпадни води, загадените водотеци и сè поизразените последици од климатските промени. Обилните врнежи, поплавите, сушите и пожарите дополнително ги оптоваруваат локалните системи и ја зголемуваат ранливоста на населението во руралните средини.
Главни активности
Во рамките на проектот ќе се подготви техничка документација и ќе се изгради пилотска канализациска мрежа. Ќе се исчистат реки и канали, а најмалку шест општини ќе добијат основна опрема и алати за одржување на водотеците.
За 21 општински службеник ќе се организираат обуки за управување со отпадни води и санитација, одржување на водните канали, приспособување кон климатските промени, намалување на ризиците од катастрофи и подготовка на заеднички проекти. Предвидени се и размена на добри практики со експерти од Словенија, студиска посета и подготовка на планови за намалување на ризиците од катастрофи во сите седум општини.
Активно учество на жените
Посебен дел од проектот е насочен кон зголемување на улогата на жените во управувањето со водите, заштитата на животната средина и локалното одлучување. Најмалку 21 жена ќе учествува на тематски обуки, седум зелени иницијативи предводени од жени ќе добијат финансиска и менторска поддршка, а по една жена од секоја општина ќе биде активно вклучена во планирањето и донесувањето одлуки во рамките на проектот.
Очекувано влијание
Проектот ќе придонесе за почиста животна средина, подобра санитација, поголема подготвеност на општините за климатски ризици и посилна соработка меѓу локалните власти. Преку јавни кампањи во сите седум општини ќе се подигнува свеста кај граѓаните, училиштата, локалните заедници и медиумите за одговорно користење на водата и заштита на водотеците. Новата инфраструктура, опремата, обучениот кадар и поддржаните зелени иницијативи ќе овозможат резултатите да продолжат и по завршувањето на проектот.
