Од 10 до 13 мај во Атина, Грција се одржa овогодинешната Регионална конференција 2022 на Каритас Европа, под наслов “Визијата на Каритас 2030 во светлината на Знаците на Времето”. На средбата присуствуваа претставници на националните Каритас организации од Европа, a Македонски Каритас го претставуваше директорот дон Паво Шекерија.
Средбата ја отвори претседателот на Каритас Европа, монс. Михаел Ландау, а поздрави за добредојде на учесниците им упатија и претседателот на Каритас Грција, бискупот Антониос Воутсинос, Апостолскиот нунциј во Грција надбискупот Савио Хон Таи-Фаи, отец Јозеф Базузу Егзарх на Католичкиот Арменски Ординаријат, Грчкиот Заменик Министер за Миграција и Азил, г-ѓа Софија Вултепси, Префектот од Дикастериумот за интегрален човеков развој, Н.Ем. кардинал Михаел Черни, Генералниот Секретар на Каритас Интернационалис Алојсиус Џон и други. Своја видео порака на Конференцијата упати и Генералниот Секретар на ОН Антонио Гутереш.
Следеше претставување на темата на средбата потоа во помали групи таа беше обработувана. Тоа беше можност учесниците подобро да се запознаат и да ги разменат своите идеи за Знаците на Времето кои тие ги забележуваат и како би сакале Каритас да изгледа во иднина, и кои чекори според нив би требало да се превземат за да се достигне таа цел.
Истовремено се одржуваa и избори за идниот Претседател на Каритас Европа за мандатот 2023-2026, како и заменик претседател, членови на извршниот одбор, како и преставници во Каритас Интернационалис.
На средбата учествуваа и млади од различни национални Каритаси, кои активно се вклучуваа во донесувањето на одлуките за делување за идните чекори на регионалните, националните, но и локалните Каритаси.