На 21.11.2022 година, монс. Томо Вукшиќ, надбискуп и митрополит Врхбосански и апостолски управител на Воениот ординаријат, во придружба на монс. Киро Стојанов, скопски бискуп и струмичко – скопски епарх, го посети Македонски Каритас, при што оствари средба со директорот о. Зоран Стојанов, како и со персоналот.
Посакувајќи му добредојде на надбискупот Вукшиќ, директорот Стојанов го претстави персоналот, како и тековните проектни активности кои ги реализира Македонски Каритас.
Надбискупот Вукшиќ се заблагодари за поздравните зборови и рече: „Се радувам на вашата работа и продолжете да бидете сведоци на добрината, имајќи ја пред вас свеста за вашите можности пред објективните потреби на народот. Заедно со другите хуманитарни институции присутни во општеството, и вие сте дел од тој мозаик на добрина и Господ нека ја благослови вашата работа“, рече надбискупот Вукшиќ.
На крајот од средбата директорот Стојанов на надбискупот Вукшиќ и неговата придружба им подари подароци изработени во Македонски Каритас.