На 18 јули 2023 година во епархискиот ординаријат во Скопје, Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, скопски бискуп и струмичко – скопски епарх, Претседател на Македонски Каритас, ја прими Генералната секретарка на Каритас Европа г-ѓа Мариа Ниман, која престојува во работна посета на Македонски Каритас, придружувана од г-дин Алесандро Кадорин, претставник на Италијански Каритас.
Во мошне пријатната и срдечна атмосфера, бискупот Стојанов, во име на Македонски Каритас, а и како пастир на оваа месна Црква, искажа задоволство од соработката и благодарност до Каритас Европа, како и до Италијански Каритас, за долгогодишната подршка на Македонски Каритас на разни полиња. Меѓу другото бискупот Стојанов се осврна и на актуелните проектни активности кои се спроведуваат, како и на предизвиците со кои се соочува Македонски Каритас.
Генералната секретарка г-ѓа Ниман, се заблагодари за гостопримството и покажа особен интерес за сè она што Македонски Каритас го прави за луѓето во потреба. Меѓу другото стана збор и за понатамошната подршка од страна на Каритас Европа, во чија мрежа членуваат 49 национални Каритас организации од цела Европа, меѓу кои е и Македонски Каритас.