Blog

Генералната секретарка на Каритас Европа Мариа Ниман, во посета на Македонски Каритас 20 Јул

Генералната секретарка на Каритас Европа Мариа Ниман, во посета на Македонски Каритас

Од 17 до 20 јули 2023 година, во посета на Македонски Каритас, престојува г-ѓа Мариа Ниман, Генерална секретарка на Каритас Европа, во придружба на г-дин Алесандро Кадорин, претставник на Каритас Италија. За време на посетата, високата претставничка на Каритас Европа, имаше можност детално да се запознае со проектните активности и програми кои ги спроведува Македонски Каритас на национално ниво.
После остварената средба со Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Претседател на Македонски Каритас, Генералната секретарка се сретна со директорот отец Зоран И. Стојанов, заедно со персоналот на Македонски Каритас, при што детално беше претставена работата на организацијата во областите на делување, во кои главниот фокус се помош и поддршка на социјално ранливите, маргинализираните и сиромашни лица. За време на работната посета, генералната секретарка г-ѓа Ниман и г-дин Кадорин ги посетија Едукативниот центар на Македонски Каритас во Шуто Оризари, Едукативниот центар во Сарај, општина Босилово, Центарот за лица со попреченост – Мајка Тереза во Гевгелија. Воедно беа реализирани теренски посети кај корисници вклучени во проектните активности на Македонски Каритас, при што Генерелната секретарка имаше можност директно да се запознае со пристапот при работата на терен со социјално ранливите лица. Дополнително, беше остварена средба со г-дин Владимир Бислимовски, директор на ЈУ Прифатен центар за баратели на азил – Визбегово, како и посета на Радио Марија Македонија.
Г-ѓа Мариа Ниман истакна дека е благодарна што Македонски Каритас активно придонесува за намалување на сиромаштијата и е дел од големото семејство на Каритас Европа. “Ние како Каритас Европа, активно работиме на институционален развој и зајакнување на капацитетите на европските Каритас организации, обезбедуваме помош во итни ситуации, лобирање и застапување, со цел унапредување на политиките и програмите на Каритас”, рече г-ѓа Ниман.
Македонски Каритас е полноправна членка на Каритас Европа, при што заедно продолжуваме да делуваме понатаму за луѓето во потреба.
 
 
 
 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.