На 17 ноември 2023 година, Едукативниот Центар на Македонски Каритас во Сарај (општина Босилово) беше посетен од страна на амбасадорот на Суверениот Воен Ред на Малта во Македонија, Н.Е. г-дин Франческо Саверио Џусти. Тој за време на посетата беше придружуван од страна на отец Гоце Костов, директор на Радио Марија, а срдечно добредојде му посака месниот парох и координатор на Македонски Каритас во Сарај, отец Ванчо Назов. За време на пријатниот разговор амбасадорот беше запознаен со историјатот на парохијата Свети Димитриј, како и со работата на Едукативниот Центар – Сарај.
Од страна на амбасадорот г-дин Џусти беше искажана радоста што за првпат ја посетува парохијата Свети Димитриј и Едукативниот Центар – Сарај. Тој воедно ја истакна желбата за идна соработка со самиот центар.
На крајот на средбата отец Ванчо Назов на амбасадорот му подари и пригодна иконка на Свети Димитриј, изработена од децата кои го посетуваат Едукативниот центар, во знак на сеќавање на оваа пријатна пријателска средба.