Во недела 10 декември 2023 година во парохиската сала на црквата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица, со благослов на епископот Стојанов се одржа трибина на тема: „Посланието на Македонски Каритас – грижата на Црквата за нејзините луѓе“, а во организација на Македонски Каритас и парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица. На трибината присуствуваше Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов, претседател, директорот на Македонски Каритас, протојереј отец д-р Зоран И. Стојанов, свештеници, чесни сестри Евхаристинки и верници од повеќе парохии.
На трибината зборуваше г-дин Спасе Спасов координатор на Македонски Каритас, кој се осврна на организациската структрура, природата и посланието на Каритас, како и важноста во животот на Црквата, сочинувајќи го еден од трите столба, покрај Литургијата и навестувањето, тој истакна дека Каритас – љубовта кон ближниот – е третиот столб на Црквата.
Во продолжение Спасе Спасов ги истакна и проектите на кои во моментот работи Македонски Каритас, на посебен начин ставајќи акцент на едукативните центри во Сарај – Општина Босилово, Едукативниот Центар во Шуто Оризари, Центарот Мајка Тереза – Гевгелија, како и други проекти поврзани со мигрантите, волонтерите, младите, лица во потреби.
За време на дискусијата која се разви по предавањето, стана збор за Парохиските Каритаси, а отец Зоран И. Стојанов, директор на Македонски Каритас, заокружувајќи го предавањето ја истакна разликата помеѓу волонтерството и доброволството.
На крајот од трибината епископот Стојанов се заблагодари за организацијата на овие трибини, и повторно ја истакна важност од ваквите средби, повикувајќи ги свештениците и верниците и во иднина да организираат и да учествуваат во вакви или слични трибини организирани и во други места на теми важни за црковниот живот, а во претходен договор со Деканатот „Свети Кирил и Методиј“ и со благослов од Ординаријатот.
Трибината заврши си благослов од епископот Стојанов и дружење во парохиската сала.
Модератор на трибината беше м-р Данче Ичева, а за музичкиот дел се погрижија Филип и Лука Костови.
к.мк