На 31 јануари 2024 година, унгарскиот амбасадор Н.Е. Андраш Клеин, придружуван од секретарот во амбасадата г-дин Габор Редечи, го посети Центарот за лица со посебни потреби Мајка Тереза – Гевгелија. Добредојде на амбасадорот му искажа Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, скопски бискуп и струмичко – скопски епарх, а воедно и претседател на Македонски Каритас, заедно со директорот отец Зоран И. Стојанов, отец Тома Ангелов и персоналот.
За време на срдечната посета на амбасадорот Клеин, од страна на координаторот на Македонски Каритас Спасе Спасов и вработените му беше претставен Центарот Мајка Тереза, неговата мисија и делување, а исто така беше детално запознаен и со услугите кои ги нуди овој Центар за лица со посебни потреби, кој работи во рамките на Македонски Каритас. Амбасадорот Клеин покажа особен интерес за сè она што Католичката црква го прави на социјално поле, а исто така се заблагодари на поканата од страна на бискупот Стојанов да го посети Центар Мајка Тереза.
На крајот од средбата бискупот Стојанот се заблагодари на амбасадорот Клеин за неговиот интерес да го посети овој Центар, како би можел одблиску да биде запознаен со она што Католичката црква го прави на социјално поле, преку Македонски Каритас, во овој дел на земјата.