Blog

Завршна конференција во рамките на проектот Your Job II 11 Ное

Завршна конференција во рамките на проектот Your Job II

На 31 октомври 2025 година во Струмица, се одржа Завршната конференција во рамките на проектот „Your Job II“, кој од ноември 2023 година се спроведува во Македонија, како дел од регионалниот проект со цел стекнување на вештини и зголемување на вработеноста на младите.
На конференцијата присуствуваа Претседателот на Македонски Каритас монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх, градоначалникот на општина Босилово г. Ристо Манчев, свештеници од Струмичко-скопската епархија, претставници на општините Струмица, Богданци и Гевгелија, претставници на средните училишта од регионот, соработници, претприемачи, учесници во програмата и разни чинители во проектот.
Конференцијата ја отвори директорот на Македонски Каритас, протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, кој ја претстави мисијата на Македонски Каритас со осврт на проектот како и грижата на Црквата и Каритас за достоинството на човекот.
Потоа на присутните им се обрати проект менаџерот во Македонски Каритас г. Спасе Спасов, кој го претстави проектот и неговата важност за Македонија и регионот. Меѓу другото тој подвлече, дека проектот Your Job во нашиот регион значително придонесе за зголемување на можностите за вработување на младите луѓе преку проектните активности.
Кариерните советници Верица Ангеловска и Александар Младеновски пред присутните ги претставија резултатите од реализацијата на проектот, вклучувајќи ги работилниците за меки вештини, информативните сесии, индивидуалните советувања на млади, практикантството, курсевите и грантовите.
За време на конференцијата беше презентирана и видео сторија каде што беа претставени конкретни сведоштва од корисници во проектот, нивните искуства, придобивки и како е да се работи со Македонски Каритас.
На панел дискусијата, на која учествуваше грантистката Наташа Трајков, надворешниот експерт за младите претприемачи Дејан Стојановиќ, генералниот менаџер и основач на Маркетинг агенцијата Еон Еден Митко Андонов и корисник на професионален курс Ружица Ѓоргиева, имаа можност да ги споделат своите искуства во соработката со Македонски Каритас, учеството во проектот и своите видувања за работата со младите во Македонија.
На крајот на присутните им се обрати Претседателот на Македонски Каритас монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх, кој се заблагодари на сите учесници во проектот, искажувајќи го своето задоволство за успешно реализираниот проект за младите.
Модератор на Завршната конференција беше Величе Илиева.
 
 
 
 
 
 
 
 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.