Од 30 ноември до 2 декември 2025 година, персоналот на Македонски Каритас, ангажиран во Центар Мајка Тереза – Гевгелија, беше на студиска посета во соседна Србија. Беа посетени неколку центри кои работат со лица со попреченост, односно центрите во Сремска Митровица – Дневен престој за лица со ментални пречки Света Тереза при Каритас Св. Анастазија, Дневен престој за млади со пречки во развојот Сонце и специјално училиште Радивој Попович. Во Шабац беше посетен Дневниот центар за лица со ментални пречки при Каритас Шабац и Авлија за одржлив развој Богатич. Во Земун беше посетена организацијата Ево рука, а посетата ја завршија со посета на организацијата Инклузивни развојни круг Мој начин, во Белград.
Студиската посета беше одлична можност за размена на искуства и знаења со колегите од Србија, кои главно се фокусирани на работа со млади и возрасни лица со попреченост. Воедно, одблизу можеа да се видат и услугите кои се нудат согласно проблематиката на терен, да се слушнат позитивните примери на постигнати резултати, како и предизвиците со кои се соочуваат при секојдневните активности.
Од страна на персоналот на Македонски Каритас, беа пренесени домашните искуства и начин на работа во Центар Мајка Тереза, позитивните примери и пракси, како и предизвиците со кои се соочува овој центар во секојдневната работа.







