Информации за проектот
- Носител
- Македонски Каритас
- Финансиран од
- Хрватски Каритас
- Започнат
- Ноември 2023
Проект на Македонски Каритас, финансиран од Хрватски Каритас
Македонски Каритас го спроведува проектот „Помош на сиромашните кои имаат хронични болести“, финансиран од Хрватски Каритас. Проектот започна во ноември 2023 година и сè уште се реализира.
Проектот е наменет за социјално загрозени лица со мултипла склероза и церебрална парализа, кои поради својата здравствена и материјална состојба се соочуваат со тешкотии во секојдневното функционирање и во пристапот до потребните здравствени и социјални услуги.
Преку редовни домашни посети, разговори и индивидуална поддршка, тимот на Македонски Каритас ги следи потребите на корисниците и им помага во справувањето со секојдневните предизвици. Во зависност од утврдените потреби, се обезбедуваат психосоцијална поддршка, транспорт и придружба до здравствени установи, помош при остварување права, како и поддршка со храна, хигиенски производи, лекови и витамини.
Посебно внимание им се посветува и на членовите на семејствата кои секојдневно се грижат за лицата со хронични болести. Преку советување и практична помош, проектот придонесува за намалување на нивната оптовареност и за подобрување на условите за живот на целото семејство.
За здравствените состојби
Мултиплата склероза е хронична болест на централниот нервен систем која може да влијае врз движењето, видот, рамнотежата и извршувањето на секојдневните активности.
Церебралната парализа е невролошка состојба која влијае врз движењето, мускулниот тонус и координацијата и може да се јави во различен степен.
Цел на проектот
Со реализацијата на проектот, Македонски Каритас настојува да го подобри квалитетот на животот на корисниците, да ја намали нивната социјална изолираност и да им овозможи полесен пристап до потребната грижа и поддршка.
