Проектот, поддржан од Министерството за надворешни работи на Словенија и Словенски Каритас, предвидува опрема, обуки и поддршка на женски зелени иницијативи.
Претставници на Македонски Каритас на 10 март 2026 година одржаа работна средба со Општина Богданци, на која беше презентиран проектот „Вклучување на жените во подобрување на услугите за достапност до чиста вода и санитација и зајакнување на отпорноста на климатските промени во Македонија“.
На средбата учествуваа Томислав Микулец, Александар Младеновски, Верица Ангеловска, Филип Стојанов и отец Гоце Костов од Македонски Каритас. Градоначалникот Блаже Шапов ги поздрави присутните и ја истакна подготвеноста на општината за соработка при реализацијата на активностите.
Општинските претставници Митко Влахов, Борис Ванчев и претставничката на граѓанскиот сектор Христина Шутарова беа информирани за планираните проектни мерки и очекуваните резултати.
Беше посочено дека проектот е поддржан од Министерството за надворешни работи на Словенија и Словенски Каритас, со фокус на јакнење на локалните капацитети за справување со климатски ризици поврзани со водните ресурси, санитацијата и превенцијата од поплави и други екстремни појави.
Проектот предвидува набавка на опрема за интервенции и одржување, обуки за општински кадар со домашни и странски експерти, како и размена на искуства со партнери од Словенија.
Посебен акцент е ставен на поддршка на женски зелени иницијативи преку микро-грантови за еколошки идеи и активности, како и јавни кампањи за подигање на еколошката свест во општините вклучени во проектот.
Од двете страни беше изразена подготвеност за понатамошна соработка во рамки на проектот, при што беше најавено продолжување на координацијата околу следните чекори за реализација на активностите.
