Blog

Во Босилово се одржа обука за поголемо учество на жените во локалните процеси 15 Јун

Во Босилово се одржа обука за поголемо учество на жените во локалните процеси

Во просториите на Општина Босилово, на 12 јуни 2026 година, се одржа вториот модул од проектот „Вклучување на жените во подобрување на услугите за достапност до чиста вода и санитација и зајакнување на отпорност на климатските промени во Македонија“.
Проектот го реализира Македонски Каритас, со финансиска поддршка од Министерството за надворешни и европски прашања на Словенија и Каритас Словенија.
Модулот беше посветен на темата „Инклузивно учество и вклучување на жените во локалните процеси“, со акцент на поголема застапеност на жените во процесите на одлучување на локално ниво.
Обуката ја предводеше „Зелена органска Република“ од Скопје, а учествуваа претставници од општините Богданци, Босилово, Валандово, Гевгелија, Дојран, Ново Село и Струмица.
На обуката се разговараше за начините на кои жените можат поактивно да се вклучат во локалните политики и одлуки, особено во областите животна средина, води, претприемништво и други прашања од значење за заедницата.
Во рамките на обуката беа разгледани практични алатки за зголемување на учеството на жените во процесите на одлучување, зајакнување на лидерството, подобрување на соработката со локалната заедница и примена на добри практики на терен.
Целта на модулот е да се поттикне поинклузивен пристап во локалното управување и да се создадат услови жените да имаат поголема улога во креирањето решенија што директно влијаат врз животот во заедницата.
 
 
 
 
 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.