Кон главната содржина

Blog

Во Гевгелија одржана втората обука за жени во рамките на програмата за зелени иницијативи 17 Ное

Во Гевгелија одржана втората обука за жени во рамките на програмата за зелени иницијативи

На 13 ноември 2026 година, во Угостителската сала при СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, во соработка со Општина Гевгелија, се одржа обука на тема „Лобирање и застапување за климатската адаптација и заштита на животната средина“.

Обуката ја водеше тренерот Митко Николов и беше втора од вкупно четири обуки наменети за жени во рамките на програмата за зелени иницијативи. Програмата е насочена кон развивање знаења и практични вештини за подготовка и спроведување локални иницијативи, со можност дел од идеите дополнително да бидат поддржани преку микро грантови.

Активностите се дел од проектот „Вклучување на жените во подобрување на услугите за достапност до чиста вода и санитација и зајакнување на отпорноста на климатските промени во Македонија“, што го спроведува Македонски Каритас.

Целта на обуката беше да се зајакнат знаењата и практичните вештини на учесничките за планирање и спроведување активности за јавно застапување, со посебен акцент на климатската адаптација и заштитата на животната средина.

Во текот на обуката беа обработени основите и стратегиите на јавното застапување, дефинирањето на теми, цели и задачи, како и изборот на соодветни пристапи и тактики. Посебно внимание беше посветено на мапирањето на носителите на одлуки и влијателните актери, анализата на односите на моќ, развивањето ефективни пораки и изборот на соодветни комуникациски канали.

Преку практични групни активности, учесничките подготвуваа планови за јавно застапување, изработуваа карти на моќ и развиваа пораки за застапување. Беа разгледани и можностите за градење поддршка, воспоставување партнерства и коалиции, како и основните пристапи во писменото и усното лобирање.

Обуката придонесе учесничките подобро да ги разберат механизмите преку кои граѓаните, локалните организации и другите засегнати страни можат да се вклучат во процесите на донесување одлуки и да придонесат кон локални решенија за климатска адаптација, заштита на животната средина и одржливо управување со природните ресурси.

На обуката присуствуваа жени од Богданци, Босилово, Валандово, Гевгелија, Дојран, Струмица и Ново Село, а нивното учество овозможи размена на искуства и идеи од различни локални средини во Југоисточниот регион.

Проектот се реализира во југоисточниот дел на Македонија со финансиска поддршка од Министерството за надворешни и европски работи на Република Словенија и Каритас Словенија.