На 3 октомври 2026 година, во просториите на Домот на култура „25 Мај“ во Валандово, се одржа првата обука за зајакнување на улогата на жените во локалните заедници и нивното поголемо вклучување во развојот на иницијативи поврзани со водата, санитацијата и климатската отпорност. Тема на обуката беше „Стратешко планирање за одржливо управување со водните ресурси“, а се одржува во рамки на проект, кој Македонски Каритас го спроведува во дел од општините од Југоисточниот регион.
На обуката присуствуваа жени од општините Богаднци, Босилово, Валандово, Гевгелија, Дојран, Ново Село и Струмица, а ја водеше тренерот Митко Николов. Учесничките имаа можност да се запознаат со основите на стратешкото планирање и неговото значење за одржливото управување со водните ресурси. Посебно внимание беше посветено на разликата меѓу визијата, мисијата и стратешките цели, како и на начинот на кој долгорочните приоритети можат да се преточат во конкретни активности.
Во текот на обуката беше разработена и анализата на внатрешната и надворешната средина, преку SWOT анализа за одржливо управување со водните ресурси, со цел учесничките полесно да ги препознаат клучните предизвици, можности и потреби во своите локални заедници.
Во вториот дел од обуката фокусот беше ставен на дефинирањето стратешки приоритети и долгорочни цели, подготовката на акциски планови и поставувањето SMART цели. Учесничките се запознаа и со значењето на индикаторите за успех, следењето на резултатите и навременото приспособување на стратегиите.
Практичниот дел беше посветен на работа во групи, при што учесничките подготвија кратки стратешки планови и ги презентираа своите идеи, по што следуваше заедничка дискусија и евалуација.
Обуката е дел од активностите за зајакнување на улогата на жените во локалните заедници и нивното поголемо вклучување во развојот на иницијативи поврзани со водата, санитацијата и климатската отпорност.
Активноста се реализира во рамки на проектот „Вклучување на жените во подобрување на услугите за достапност до чиста вода и санитација и зајакнување на отпорноста на климатските промени во Македонија“, кој го спроведува Македонски Каритас со финансиска поддршка од Министерството за надворешни и европски работи на Република Словенија и Каритас Словенија.


