На 29 септември 2026 година, во просториите на Општина Ново Село, се одржа петтиот модул од обуката на тема „Планирање на проекти и собирање средства“, наменета за општинскиот персонал од дел од општините во Југоисточниот регион, во рамки на активностите што ги спроведува Македонски Каритас.
На почетокот присутните ги поздравија директорот на Македонски Каритас, отец д-р Зоран И. Стојанов, градоначалникот на Општина Ново Село, Ѓорѓе Божинов, како и г. Горан Криж, претставник на Амбасадата на Република Словенија. Во своите обраќања тие ја истакнаа важноста од јакнењето на капацитетите на локалните заедници и развојот на конкретни проектни идеи што можат да одговорат на реалните потреби на граѓаните.
Обуката ја реализираше организацијата „Зелена република“ од Скопје, а учесниците се запознаа со основите на проектниот циклус, дефинирањето на проблемите, поставувањето цели и резултати, развојот на активности и индикатори, како и со основите на буџетирањето и можностите за финансирање.
Во практичниот дел, учесниците работеа во групи на развој на мини-проекти, при што избираа конкретни проблеми од локалните заедници, дефинираа цели и очекувани резултати и подготвуваа основен план на активности и буџет.
Целта на модулот беше учесниците да стекнат практични знаења и вештини за подготовка на квалитетни и применливи проектни идеи, како и подобро да ги препознаваат можностите за обезбедување средства за иницијативи од значење за локалниот развој.
На крајот од обуката, учесниците добија благодарници од Македонски Каритас за нивното учество и придонес во реализацијата на циклусот обуки.
Обуката се реализира како дел од проектот „Вклучување на жените во подобрување на услугите за достапност до чиста вода и санитација и зајакнување на отпорноста на климатските промени во Македонија“, кој го спроведува Македонски Каритас со финансиска поддршка од Министерството за Надворешни и Европски работи на Република Словенија и Каритас Словенија.


